Rabia İclal Turan
23 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
АНКАРА
Терористичката организација ПКК продолжува да ја користи територијата на Европската унија за пропаганда, регрутирање, активности за собирање средства и логистичка поддршка, стои во извештајот на агенцијата на ЕУ за спроведување на законот објавен денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Годишниот извештај на Европол за тероризам сугерира дека ПКК активно е ангажиран во активностите за пропаганда како и собирање на пари во европските земји како Белгија, Германија и Романија.
„Членовите и симпатизерите на ПКК продолжуваат да бидат инволвирани во легални и нелегални активности за собирање средства со цел поддршка на организацијата и нејзините ограноци“, се вели во извештајот.
Неколку европски земји го информираа Европол дека организацијата била инволвирана во сериозни и организирани криминални активности, се вели во извештајот.
Минатата година, симпатизерите на терористичка организација вандализираа џамии и продавници во сопственост на турската заедница во Германија. Вакви инциденти се пријавени и во Белгија и Швајцарија.
Во извештајот на Европол се вели дека членовите на екстремно левичарската ДХКП-Џ продолжуваат да ги користат европските земји како логистичка база за поддршка на операциите на организацијата во Турција.
„Законски основаните здруженија се користат како покритие за некои од овие нелегални структури. Австрија уапси турски член на ДКХП-Џ, врз основа на европскиот налог за апсење, издаден од Грција“, се вели во извештајот.
ДХКП-Џ е одговорна за голем број терористички напади во Турција, вклучувајќи го и нападот во 2013 година врз американската амбасада во Анкара, во која беше убиен турски припадник на безбедносната гарда. Групата е ставена на листата на терористички организации од страна на Турција, САД и ЕУ.