Mustafa Deveci
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската војска одлучи да испрати додатни трупи во Јорданската Долина на окупираниот Западен Брег, пред наводниот Мировен план, кој го подготви и денеска планира да го објави американскиот претседател Доналд Трамп, за кој тврди дека ќе биде решение за израелско-палестинското прашање, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„По проценката на ситуацијата одлучено е дополнителна пешадија да им се приклучи на трупите во Јорданската Долина“, соопшти израелската војска.
Во соопштението не се наведени детали за тоа колку војници ќе бидат испратени и кога ќе се испратат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 17 септември 2019 година, пред општите избори во Израел, вети анексија на Јорданската Долина, која е палестинска територија. Тој го повтори тоа во рамките на кампањата за изборите кои ќе бидат одржани на 2 март.
Одлуката на Израел за испраќање додатни трупи во Јорданската Долина е интересна со оглед на тоа што е донесена на денот кога Трамп пред јавноста треба да го претстави наводниот „Договор на векот“ за решавање на блискоисточната криза.
Одредени медиуми пишуваат дека договорот содржи голем број одредби кои се на штета на Палестинците, како зачувувањето на нелегалните еврејски населби на Западниот Брег и целосно предавање на Ерусалим под контрола на Израел. Истите извори тврдат дека планот воопшто не го третира правото на враќање на протераните речиси 6 милиони Палестинци.