Ekipa
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиска Арабија ја изрази својата поддршка за присуството на американските сили во Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заминувањето на американските сили од Ирак ќе го направи регионот помалку безбеден“, изјави министерот за надворешни работи, Фејсал бин Фархан за „Си-ен-ен“ (CNN).
Тој нагласи дека американското присуство во регионот играло важна улога во соборувањето на терористичката организација ДЕАШ, и било клучно за да се спречи повторното појавување на терористичките организации во регионот.
Ирачкиот Парламент на 5 јануари донесе одлука за ставање крај на военото присуство на сите странски трупи во земјата, вклучувајќи ги и САД.
На 10 јануари ирачкиот премиер Адел Абдул-Мехди го повика државниот секретар Мајк Помпео да побара од Соединетите Американски Држави (САД) да испратат делегација во Ирак за воспоставување механизам за повлекување на силите од Ирак.
Стејт департментот во својот одговор истакна дека секоја делегација испратена во Ирак „ќе биде посветена на дискутирањето за тоа како најдобро да се посветат повторно на нивното стратешко партнерство - да не се разговара за повлекување на војската“.
Околу 5.000 американски војници се распоредени во различни воени бази низ Ирак.
Врховниот саудиски дипломат, исто така, рече: „Соединетите Американски Држави повторно докажаа дека се сигурен сојузник на Кралството и тоа е случај и со администрацијата на Трамп.“
„Ние се согласуваме добро со претседателот Трамп, Стејт департментот [САД] и Пентагон, и се координираме за безбедносните прашања во регионот“, додаде тој.
Во врска со убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во американски воздушен напад со беспилотно летало, Бин Фархан рече дека САД дејствувале во „легитимна самоодбрана“.
Тој, исто така, потврди дека со американскиот државен секретар Мајк Помпео се согласни дека регионот по смртта на Сулејмани станал „побезбеден“.