Mohammad Sıo
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел денес издаде наредба за евакуација од јеменското пристаниште Ал-Худејда на Црвеното Море, предупредувајќи ги луѓето и бродовите веднаш да го напуштат пред нападот, јавува Анадолу.
Портпаролот на армијата Авичај Адрае во објавата на американската компанија за социјални медиуми Х наведе дека „во наредните часови“ Израел ќе ги нападне областите означени на приложената мапа како одговор на она што го опиша како воена активност на движењето Хуси во Јемен.
Адрае во својата објава прикачи мапа на која е прикажана областа што ќе биде цел.
„Ова е итно предупредување за оние што се наоѓаат на пристаништето Ал-Худејда“, напиша Адрае.
„За ваша безбедност, сите на пристаништето и бродовите закотвени таму веднаш да се евакуираат од областа. На секој што ќе остане во областа му е загрозен животот“, напиша тој.
Минатиот месец во израелскиот напад врз јеменскиот главен град Сана беа убиени премиерот на Владата предводена од Хусите, Ахмед ал-Рахави, и неколку министри.
Хусите го напаѓаат Израел и меѓународното бродоградилиште на Црвеното Море и Аденскиот Залив од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година, во поддршка на Палестинците.
Покрај Израел, САД и Велика Британија, исто така, извршуваат воздушни напади врз Хусите.