Mohammad Sıo
24 Јуни 2024•Ажурирај: 25 Јуни 2024
АЛ-КУДС (АА) - Израелската Армија денес објави дека го убила теренскиот командант на бригадата Ал-Касам, вооруженото крило на палестинската група Хамас, во Газа, јавува Анадолу.
„Израелските авиони го елиминираа Мухамед Салах, кој беше одговорен за проекти и развој во штабот за производство на оружје на Хамас“, се вели во соопштението на израелската војска.
Се додава дека „Салах бил дел од проектот за развој на стратешко оружје за Хамас и дека командувал со голем број одреди на Хамас кои работеле на развој на оружје“.
Хамас сѐ уште не го коментираше соопштението на израелската Армија.
Во меѓувреме, Армијата објави дека израелските трупи „продолжуваат со операциите базирани на разузнавачки информации во областа Рафа“. Нагласено е дека „при насочените рации во областа, војниците пронашле големо количество оружје“.
„Во подрачјето на Тел ал-Султан, фрлачите што се користеа за пукање врз војниците на ИДФ (израелската Армија, заб. ав.) за време на војната се демонтирани од трупите на израелските сили“, објави Армијата.
Истовремено, Армијата истакна дека ја продолжува својата оперативна активност во центарот на Газа.
„Војниците идентификуваа неколку борци кои дејствуваа во областа и ги елиминираа во напад со беспилотно летало“, соопшти израелската Армија.
Повеќе од 37.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа од 7 октомври минатата година, повеќето жени и деца, а околу 86.000 се ранети, според локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука им нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.