Tuba Onğun
24 Јуни 2024•Ажурирај: 25 Јуни 2024
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија го усвои 14-тиот пакет санкции кон Русија поради војната што ја води против Украина што започна во февруари 2022 година, објави денес Европскиот совет, јавува Анадолу.
„Советот денеска го усвои 14-тиот пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки кои нанесуваат дополнителен удар на режимот на Владимир Путин и на оние кои ја одржуваат неговата незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна против Украина“, се вели во соопштението.
Како што додаваат, санкциите ќе ги погодат високовредните сектори на руската економија, како што се енергијата, финансиите и трговијата, и ќе го отежнат избегнувањето на санкциите на ЕУ.
Пакетот вклучува рестриктивни мерки за дополнителни 116 поединци и субјекти „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.
Пакетот ги забранува сите идни инвестиции и извоз во ЛНГ проекти што се во изградба во Русија.
Европската Унија им забрани на европските банки надвор од Русија да користат SPFS (Систем за пренос на финансиски пораки), што е руски еквивалент на СВИФТ.