Mohamed Sabry Emam Muhammed
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската полиција денес препорача покренување обвинение за премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата сопруга за поткуп, објави израелскиот весник „Хаарец“ пренесува Anadolu Agency (AA).
Во објавеното соопштение полицијата истакнува дека Нетанјаху е осомничен за земање мито и преземање дејствија во своја корист со пружањето одредени услуги и фаворизирањето на медиумскиот могул Шаул Елович, под чие раководство е израелската телекомуникациска компанија „Безек“ (Bezeq Telecom Israel), во замена за позитивна покриеност на премиерот Нетанјаху.
Полицијата соопшти дека пронашла докази дека „Нетанјаху и негови блиски интервенирале, понекогаш и секојдневно, за објавување на содржини на веб-страницата за вести „Walla“, и се обиделе да влијаат врз назначување лица на одговорните позиции (уредници и новинари), користејќи ги врските со Шаул и (неговата сопруга) Ирис Елович.“
Полицијата веќе побара покренување обвинение против Нетанјаху за корупција во други два случаја.
Првиот случај го вклучува и израелскиот холивудски продуцент Арон Мичел, од кого било побарано да купи луксузни предмети за Нетанјаху и неговата сопруга.
Вториот случај е поврзан со договор, повторно во корист на позитивно медиумско покривање, со Арон Моузес, издавач на дневниот весник на еврејски јазик „Једиот ахронот“ (Yedioth Ahronoth).
Нетанјаху ги негираше сите обвинувања.