Ekipa
09 Август 2022•Ажурирај: 10 Август 2022
НАБЛУС (АА) - Тројца Палестинци се застрелани денес во израелска рација во градот Наблус на Западниот Брег, соопшти Министерството за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се вели дека 40 други лица се повредени во рацијата, од кои четворица се во критична состојба.
Израелската армија соопшти дека Ибрахим ал Набулси, припадник на бригадите на Мачениците на Акса, вооруженото крило на групата Фатах, бил убиен во рацијата.
Во соопштението се вели дека израелските војници го опколиле домот на Ал Набулси, што довело до размена на истрели.
„Израелските сили употребија ракети лансирани од рамо во објектот во кој се криеше Ал Наблуси“, соопшти Армијата.
Не постојат информации за повредени меѓу израелските војници.
Израелската армија го товари Ал Набулси дека извршил напади врз израелските сили во Наблус.
Рацијата се случува два дена откако прекинот на огнот со посредство на Египет стави крај на тридневните израелски воздушни напади врз Појасот Газа, во кои загинаа 45 Палестинци, а десетици беа повредени.