Ata Ufuk Şeker
05 Јули 2020•Ажурирај: 06 Јули 2020
БРИСЕЛ
Илјадници демонстранти протестираа денес во центарот на Брисел поради позитивното мислење на Уставниот суд на Белгија за забрана за носење хиџаб во средните училишта, јавува Агенција Анадолија (АА).
На повикот на бројни невладини организации на протестите на бриселскиот плоштад Монт де Артс присуствуваа близу 4.000 демонстранти
„Хиџабот е едно од човековите права", „Тргнете ги рацете од нашите хиџаби", „Каде се нашите слободи", „Мојот хиџаб е мое право" и „Доста", беа некои од пораките од демонстрантските транспаренти.
Неколкумина демонстранти на собирот дојдоа во матурантски капи.
Демонстрантите во центарот на Брисел го прочитаа и прогласот во кој се наведува дека муслиманките во Белгија се жртви на дискриминација на верска основа.
Со прогласот се бара да се води сметка за правата на муслиманката кога се креираат законите во Белгија и се повикува на повеќе почитување кон муслиманите воопшто.
Уставниот суд на Белгија минатиот месец соопшти позитивно мислење во случајот на забрана за носење на хиџабот и сите верски симболи во најголемото бриселско средно училиште „Франциско Ферер". Судот смета дека училишното раководство има право на воведување на таквите забрани.
Судскиот процес против одлуката на раководството на училиштето претходно покрена група ученички на ова училиште кои се муслиманки, а Општинскиот суд во Брисел, пред донесување на конечната пресуда, побара став од Уставниот суд.