КИЕВ (АА) ‒ ХАСАН ЕСЕН / ЏЕЈХУН АЛИЕВ -
Голем број жители на Киев, главниот град на Украина, ги напуштија своите домови бегајќи од руските напади и се засолнија на места кои ги сметаат за безбедни.
Некои засолниште најдоа во подземните паркинг-простори, а некои на метростаниците. Општина Киев објави дека во метроата се засолниле 15.000 лица.
Една од нив е 69-годишната Нина Зир. Зир, која се наоѓа во метростаницата на 250 метри под земја, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека нејзиниот татко бил на фронтот за време на Втората светска војна, и рече дека небото треба да биде „тивко за нејзините деца и внуци“.
Не можејќи да ги задржи солзите, Зир рече: „Татко ми се бореше за да живееме во мир. Ја загуби ногата во близина на Будимпешта, се врати од војната без нога за да живееме во мир.“
Таа рече дека на метростаницата каде што е засолнета, бегајќи од руското бомбардирање, има 800 луѓе.
Зир раскажа дека има сестра и внуки кои живеат во Русија: „Тие се родени овде, но отидоа да работат на север и останаа таму. Таму им дадоа дом. Денес не можат да се вратат. И не знаат дека Русија нѐ убива. Тие не знаат. Не можат да знаат. За да запре оваа војна, сакаме целиот свет да помогне, да нѐ спаси. Небото над нас мора да биде тивко за нашите деца, за нашите внуци.“
‒ „Има гладни луѓе“ ‒
Зир, чии очи го отсликуваат уморот од непроспиените ноќи, рече дека среде војната што ја започна Русија, во моментов има луѓе кои живеат затворени во своите станови и гладуваат.
„Мојот сосед сакаше леб кога го напуштив засолништето. Тој е роден во 1934 година, тој преживеа војна“, рече Зир.
Потенцирајќи дека поминала една недела во метростаницата, таа ѝ се заблагодари на Општина Киев за помошта во храна која се дели трипати на ден.
‒ Му носи храна на сопругот кој е неподвижен и врзан за кревет ‒
„Тука носат храна, а јас живеам благодарение на неа. Мојот сопруг, роден во 1940 година, лежи дома, неподвижен во кревет. Сега трчам тука [во засолништето] да преноќам, но тој не може да дојде, а би требало да се пресели тука. Рече ‘Излегов од војната, нема да заминам, ќе умрам дома.’ Земам парче храна и му носам нешто да јаде. Токму така живееме“, рече Зир.
Таа апелира до новинарите „Кажете им на сите земји дека денес сме во неволја.“
‒ „Децата плачат бидејќи се во опасност“ ‒
Олга, која се засолни во метростаницата со четиригодишната ќерка Алиса и својата мајка, вели дека се многу исплашени, а децата плачеле чувствувајќи ја опасноста.
„Насекаде има експлозии и куршуми. Шест дена сме во метро. Тука сме заедно во засолништето. Понекогаш излегувам да се избањам и да јадам. Гледам многу страшни работи. Слушнав истрели, слушнав експлозии. Застрашувачко“, рече Алиса.
Истакнувајќи дека е горда на храбрите сили на Украина, Олга рече дека посакува сите да се вратат дома живи и здрави.
„Потребна ни е помош, потребна ни е хуманитарна помош, потребна ни е воена помош бидејќи сме нападнати. Се убиваат мирни луѓе. Сакам [војната] да запре што е можно поскоро“, рече Олга.
‒ „Тажна сум гледајќи ги нашите деца како седат тука“ ‒
Светлана, мајка на три девојчиња, рече: „Тука сме седум дена. Дојдовме тука на два часа во првиот ден од војната и веќе една недела не го напуштаме засолништето.“
Опишувајќи се како „Украинка која зборува руски“, Светлана изјави дека останала во метрото со своите деца и кучето. „Јас сум единствениот лекар, давам [медицинска] помош бидејќи има болни деца“, рече таа.
Раскажа дека неодамна слушнала експлозии во близина на метростаницата: „Имаше повредени луѓе, им помогнав. Застрашувачко, застрашувачко.“
Не можејќи да ги скрие солзите, Светлана изјави „Сакам да си одам дома. Се растажувам кога ги гледам нашите деца како седат тука.“
„Сакам да му кажам на [рускиот претседател Владимир] Путин дека не треба да бидеме ослободени, ние веќе сме слободни. Сакаме мир и сакаме дом“, оцени Светлана.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, беше дочекана со гнев од меѓународната јавност, при што Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија, меѓу другото, воведоа и строги финансиски санкции кон Москва.
Според податоците на ОН, од почетокот на војната во Украина се убиени најмалку 227 цивили, а 525 се ранети. Сепак, украинските власти наведуваат дека бројот на загинати е поголем од 2.000.