Tuba Onğun
04 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Американската компанија за изнајмување на сместување „Ербнб“ (Airbnb) ги запира сите операции во Русија и Белорусија поради улогата на овие земји во војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација на Твитер ја соопшти директорот на таа компанија, Брајан Чески.
„Ербнб“ (Airbnb) на 28 февруари соопшти дека ќе понуди бесплатно привремено сместување за најмногу 100.000 бегалци од Украина, придружувајќи се во низата компании кои нудат поддршка и донации по рускиот напад.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, а Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Според бројките на ОН, 227 загинале, а 525 се повредени во Украина од почетокот на војната. Украинските власти, сепак, велат дека бројот на загинати е над 2.000. Повеќе од 1 милион луѓе ја напуштиле Украина во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.