ekipa
16 Јануари 2021•Ажурирај: 16 Јануари 2021
ЏАКАРТА
Планината Семеру, највисокиот вулкан на најнаселениот остров Јава во Индонезија, денес исфрли топли облаци на дури 4,5 километри висина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Евакуација не е спроведена, но Националната агенција за ублажување на катастрофи го предупреди локалното население, што живее во селата под падините на планината висока 3.676 метри, да биде претпазливо.
Портпаролот на Агенцијата, Радитја Џати, изјави дека луѓето околу речниот слив под падините на планината би требало да се заштитат од можно изливање на лава.
Центарот за ублажување на вулканолошки и геолошки опасности не го подигна степенот на предупредување за Семеру, што веќе беше на трет степен, највисоко ниво од неговата ерупција во мај минатата година. Вулканот во почетокот на декември исфрли топол пепел на висина од 3 километри, што предизвика паника меѓу населението.
Индонезија, архипелаг со повеќе од 250 милиони жители, се наоѓа во пацифичкиот „Огнен прстен“, подложна е на потреси и ерупции на вулкани и домаќин е на повеќе од 120 активни вулкани.
Силен потрес го погоди островот Сулавеси на 15 јануари (петок), а во оваа природна катастрофа досега се регистрирани најмалку 46 смртни случаи.