Mahmut Atanur
29 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
ЏАКАРТА - Претставници на Центарот за технологија и истражување на геолошки катастрофи честопати ги повторуваат своите предупредувања до луѓето што живеат во околината на вулканот Мерапи да не се приближуваат до вулканот поради зголемената вулканска активност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сутарно, претставник на локалната власт од селото Тегал Мулјо кое се наоѓа во подножјето на вулканот, за АА изјави: „Слушнавме голема ерупција во вторникот вечерта и последователни ерупции кои траеја околу половина час. Сепак, ерупцијата не беше толку голема како во 2010 година. Сè уште се случуваат мали ерупции од вулканот.“
Зборувајќи дека дождот од пепел кој се исфрла од вулканот им го отежнува животот, Сутарно истакна: „Пепелта што ја исфрла вулканот негативно влијае на нашите земјоделски површини и врз добитокот. Време е да се собере реколтата на некои земјоделски култури, но многу е тешко да ги продаваме нашите производи покриени со пепел. Ниту нашите животни не ја јадат тревата покриена со пепел.“
Сутарно вели дека кога густината на исфрлената пепел се зголемува, имаат потешкотии со дишењето, додаде дека таквата ситуација влијае и на очите. „1.500 лица привремено евакуирани, преку ден се занимаваат со работа на терен и сточарство, и само во ноќните часови, од превентивни мерки престојуваат во прифатилиштето.“
- Денес нема информации за ерупции -
Центарот за технологија и истражување на геолошки катастрофи досега не објави информации за евентуални нови ерупции на вулканот Мерапи. Вчера, во период од 24 часа биле евидентирани 52 мали ерупции на вулканот.
Од 5 ноември досега, ова подрачје се наоѓа на „портокалово“ ниво на опасност поради зголемената вулканска активност, а претставниците на власта предупредуваат „да нема какви било активности околу вулканот во радиус од 5 километри“.
Во 2010 година вулканот Мерапи на островот Јава, висок 2.968 метри, при ерупцијата исфрли лава, а во оваа природна катастрофа животот го загубија 347 лица.
Системот за алармирање на вулкани во Индонезија се состои од четири фази, „зелена“, „жолта“, „портокалова“ и највисоката „црвена“ фаза.