Muhammet Kurşun
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ТЕХЕРАН
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, истакна дека американските санкции се причина поради кои во подрачјата зафатени од катастрофалните поплави не може да се достави потребното количество помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Зариф преку својот профил на социјалната мрежа Твитер се осврна на проблемите со кои се соочува иранската Црвена полумесечина околу испораката на потребната помош до подрачјата зафатени од поплавите, критикувајќи ги американските санкции.
Поради санкциите кон Иран, Зариф во текстот објавен на социјалната мрежа остро го критикува американскиот претседател Доналд Трамп, со зборовите:
„Политиката на Трамп за максимални санкции е јасна повреда на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН и одредбата на Меѓународниот суд на правдата. Американските санкции се пречка иранската Црвена полумесечина да испорача помош до подрачјата зафатени од катастрофалните поплави. Санкциите врз продажбата на хеликоптерите за итна помош се само еден пример. Ова не е само економска војна, во исто време претставува и економски тероризам.“
Веќе две недели Иран е зафатен од поројни врнежи од дожд, кои предизвикаа катастрофални поплави. Досега поплавите одзедоа 44 животи.
Информацијата дека гувернерот на покраината Гулистан земал одмор за време на катастрофалните поплави предизвика големи полемики во земјата, по што тој беше разрешен од функцијата.