Bilal Güler
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, изјави дека очекуваат дека американските санкции против Техеран ќе бидат укинати од администрацијата предводена од Џо Бајден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Очекуваме дека САД ќе дејствуваат, односно ќе ги укинат санкциите. Укинувањето на санкциите значи ефективно ставање крај на практиката на Трамп. Мораме да ги видиме ефектите од укинувањето на санкциите, а потписот на хартија не е доволен“, изјави Хатибзаде во Техеран.
Тој истакна дека администрацијата на Вашингтон би требало да се врати на договорот и да ги исполни своите обврски без предуслови.
Нагласи дека Иран би требало да биде во можност да го користи својот имот блокиран во странство и слободно да ја продава нафтата, што беше оневозможено поради санкциите.
„Администрацијата на Бајден би требало да ги надомести грешките од претходната влада. Позитивни, негативни, искривени или двосмислени изјави нам не ни се важни. Активностите на Владата на Бајден се темел за чекорите што ќе ги преземеме“, изјави Хатибзаде.
Претседателот на САД, Џо Бајден, кон крајот на јануари го именуваше Роберт Мали за специјален претставник за Иран.
Мали, кој претходно ја водеше Меѓународната група за решавање конфликти, стапува на должност во време на билатералните тензии што се зголемуваа во текот на изминатите четири години.
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, за време на својот мандат спроведуваше „кампања на максимален притисок“, која подразбираше еднострано повлекување на САД од Договорот за нуклеарната програма во 2015 година, што светските сили го постигнаа со Иран, и продолжување на наметнувањето на економските санкции кои неповолно влијаеа на иранската економија.
Трамп во јануари 2020 година нареди убиство на ирански генерал во Багдад.
Техеран изрази подготвеност да преземе одредени чекори во рамките на Заедничкиот сеопфатен план за акција, но додаде дека тоа нема да биде сторено сè додека Вашингтон не ги укине санкциите воведени за време на администрацијата на Трамп.