Muhammet Kurşun
11 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека сѐ уште не забележале добра волја и поразличен став на новата американска администрација. Тој изјави дека реториката се променила, но дека очекуваат промени во практика, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рохани преку видеоконференција присуствуваше на церемонијата на отворање на повеќе проекти од областа на здравството во повеќе ирански региони, а во таа пригода ја критикуваше американската администрација барајќи да преземе чекори за Договорот за нуклеарната програма.
Зборувајќи за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Рохани го нарече „голем терорист и нечесник“, а новиот американски претседател Џо Бајден го повика да се врати од патот по кој одела претходната администрација.
„Политиката на максимален притисок кон Иран е поразена, никој во светот нема сомнеж за тоа прашање. Сѐ уште не сме виделе добра волја и поразличен став на новата администрација на САД. Нејзината реторика се промени, но мораме да видиме промена во практика“, изјави Рохани.
Потсетувајќи дека иранскиот народ и понатаму се соочува со проблеми поради санкциите кои ги воведе Трамп, Рохани додаде: „Доколку новата администрација во САД е искрена во своите изјави, би требало да го промени својот пат без губење време и што е можно повеќе да го исправи она што се случило во минатото.“