Gamze Türkoğlu Oğuz
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ХАНОЈ/ВАШИНГТОН (АА) - Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, пристигна во Ханој, главниот град на Виетнам, каде што ќе се состане со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Anadolu Agency (AA).
Севернокорејскиот претседател до кинеско-виетнамската граница патуваше со воз, од каде што патувањето го продолжи со возило, придружувано со големо обезбедување.
Ким, кој по улиците на Ханој се прошета во блиндирано возило, пред хотелот „Мелиа“, во кој ќе престојува за време на посетата на Виетнам, го чекаа голем број новинари, припадници на полицијата и војската, а зад барикадите крај патот, стотици лица се собраа за да го видат севернокорејскиот лидер. Некои од медиумите во своите текстови прокоментираа дека кога Ким „пристигнал во хотелот, бил пречекан како рок-ѕвезда“, додавајќи дека некои Виетнамци врескале кога го виделе.
Во меѓувреме, јапонскиот телевизиски канал TBS ја сподели информацијата дека Ким е страствен пушач, објавувајќи видеоснимка од паузата за пушење направена на една станица во Кина за време на патувањето со воз низ оваа земја.
Доцна вечерва се очекува и американскиот претседател Трамп да пристигне во Виетнам.
Според програмата, Трамп по средбата со претседателот на Виетнам, Нгуен Фу Тронг и со премиерот на оваа земја, Нгуен Ксуан Фук, би требало за време на вечерата да се сретне со Ким.
На вечерата Трамп ќе го придружуваат шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео и директорот на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Мик Малвејни, а Ким ќе го придружуваат неговите двајца помошници. На средбата ќе учествуваат и преведувачите од двете страни.
Утре и задутре Трамп и Ким ќе имаат серија официјални средби.
Голем број експерти сметаат дека Ким нема да се откаже од нуклеарното оружје.
Виетнамските власти соопштија дека поради Самитот безбедноста е издигната на највисоко ниво.
Трамп и Ким за првпат се сретнаа на историскиот Самит во Сингапур, одржан на 12 јуни 2018 година, на кој потпишаа сеопфатен договор.