Burç Eruygur
31 Октомври 2022•Ажурирај: 01 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија продолжува со разговорите со Туркије и ОН за Црноморскиот договор за жито, соопшти денес Кремљ по едностраното суспендирање на учеството на земјата во историскиот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Постојаното спроведување на договорот за жито без учество на Русија е „тешко возможно и ризично“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на неделната прес-конференција во Москва.
„Во услови кога Русија вели дека е невозможно да се гарантира безбедноста на навигацијата во овие области, се разбира, таквата зделка веројатно нема да се спроведе. Таа добива поинаков карактер, многу поризичен, опасен и негарантиран“, изјави Песков, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Обвинувајќи ја Украина за ризикување на договорот за жито, Песков рече дека Русија останува во контакт со Туркије и ОН преку руското Министерство за надворешни работи и други агенции.
Во врска со условите на Русија за можното продолжување на договорот, Песков рече: „Сè уште не сум подготвен да одговорам на ова прашање, не е лесно.“
Туркије, ОН и Украина во неделата се договорија за план за движење на 16 бродови кои се во турските води.
Заедничкиот координативен центар (JCC), со седиште во Истанбул, кој ги надгледува пратките според договорот, рече дека трите делегации, исто така, се согласиле да проверат 40 бродови кои излегуваат денес.
ЗКЦ додаде дека руската страна била информирана за развојот.
Русија во саботата објави дека го суспендирала своето учество во договорот за извоз на украинско жито по нападите врз нејзината Црноморска флота.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор на 22 јули во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари.