ЊУЈОРК (АА) - МУЏАХИТ ОКТАЈ -
Терористичката организација ФЕТО, на чие чело е Фетула Ѓулен, ја тресе криза откако е објавено писмото во кое се наведува дека Џевдет Туркјолу, еден од најблиските соработници на Ѓулен, поседува имот вреден дури 30 милиони долари.
Кризата е додатно продлабочена откако Туркјолу поради споменатото писмо имал физичка пресметка со Осман Шимшек, исто така едно од имињата блиски на Фетула Ѓулен, кој е задолжен за социјалните медиуми и објавата на пораките на Ѓулен преку веб-страницата „herkul.org“. Туркјолу, како што се наведува, физички го нападнал Шимшек и го оддалечил од имотот на Ѓулен во сојузната американска држава Пенсилванија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Осман Шимшек на 14 март на Твитер објави изјава на три страници во која е потврден споменатиот инцидент, што доведе до уште поголема поделеност во самата терористичката организација.
Претходно, за кризата меѓу Туркјолу и Шимшек пишуваше бегалецот од ФЕТО и поранешен вработен во некогашниот весник „Заман“, Ахмет Донмез.
Донмез во текстот, објавен на 10 март, наведува дека Туркјолу, кој е соработник на Ѓулен веќе 45 години и е оженет со неговата внука, го смета Шимшек за одговорен за писмото што излезе во јавноста, во кое се наведуваат детали за неговото големо богатство. Се наведува исто така дека за време на физичката пресметка Туркјолу го удрил Шимшек со тупаница.
Во статијата исто така е наведено дека Ѓулен лично ја оформил тричлената „истражна комисија“ за да се утврди точноста на споменатите наводи. Сепак, Туркјолу е прогласен за „чист“ во овој случај благодарение на Мустафа Озџан, исто така едно од челните имиња на ФЕТО, кој беше член на „истражната комисија“, а кој се смета дека е еден од помагачите на Туркјолу во стекнувањето на толкаво богатство. Туркјолу подоцна го избркал Шимшек од имотот на Ѓулен во Пенсилванија, обвинувајќи го за „лицемиерие“, а тој повеќе не се вратил во „главната база“ на ФЕТО во Пенсилванија.
Донмез исто така наведе и „јавни тајни“ дека Туркјолу заработил големи пари на берза и дека само во банката „Асја“ поседува повеќе од 15 милиони турски лири (TL).
- Нови детали за писмото -
Донмез исто така сподели видеоснимка во врска со случајот за писмото и тврди дека челниците на ФЕТО од одредени земји одлучиле да му ги пренесат своите сомнежи на Ѓулен за тоа каде Туркјолу стекнал толкав имот, односно сомнежот дека сето тоа го постигнал со парите на организацијата. Исто така се наведува дека писмото, за кое смета дека го напишале челниците на ФЕТО од 10 земји, стигнало до Шимшек со напомена дека мора да биде доставено до Ѓулен.
Шимшек најпрво го претставил писмото на т.н. висок советодавен одбор во организацијата познат како „Али Хејет“, каде што едногласно е одлучено содржината на писмото да му се пренесе на Ѓулен. Сепак, тоа е спречено, бидејќи во меѓувреме, Мустафа Озџан го информирал Туркјолу за писмото.
Тој смета дека токму Туркјолу и Озџан на овој начин со својата екипа на луѓе ја контролираат целата организација ФЕТО, така што спречуваат несакани настани и содржини слични на ова писмо да стигнат до Ѓулен.
- Шимшек го потврди писмото и инцидентот -
Откако Донмез го објави текстот, Шимшек се огласи на својот профил на Твитер и го потврди инцидентот за писмото и несогласувањата со Туркјолу, не навлегувајќи во детали.
„Не мислам дека јас сум тој што треба да даде одговори на прашања“, истакна Шимшек во изјавата објавена на три страници и додаде дека подоцна содржината на писмото сепак била прочитана од страна на Ѓулен, а дека потоа меѓу него и Туркјолу дошло до непријатни инциденти, од кои некои излегле во јавноста.
„Не можев да отидам таму поради нашите бескрајни кавги“, додаде Шимшек, откривајќи дека потоа продавал книги преку „Амазон“, па почнал да работи и како „имам и духовен советник“ во болницата.
Туркјолу, од друга страна, не реагирал на реакциите, иако врз основа на изјавите на членовите на организацијата на социјалните мрежи и изјавите на Шимшек, може да се заклучи дека наводите против него се точни.
Она што исто така е интересно е дека во овој случај не се огласува ниту Ѓулен, посебно поради тоа што за неговиот најблизок соработник се наведува дека поседува имот во вредност од 30 милиони долари.
- Прв пат отворена критика на еден од челниците на ФЕТО -
Иако на тоа сведочеле десетици лица на имотот на Ѓулен во Пенсилванија, во терористичката организација ФЕТО не веруваа дека Туркјолу го нападнал Шимшек, инаку омилениот лик во редовите на Ѓулен. Сепак, откако самиот го потврди тоа во својата изјава, стигнаа и реакциите.
Харун Токак, кој беше директор на Здружението на новинари и писатели на ФЕТО во период меѓу 1997 и 2008 година, а кој неодамна е именуван за „израелски имам“, на Твитер ја сподели изјавата на Шимшек во која го потврдува овој инцидент.
„Молкот само донесува нови прашања. Не разбирам зошто учесниците не го користат своето право на одговор“, напиша Токак.
Околу 1.000 членови на терористичката организација ФЕТО ставија емотикон срце на објавата на Токак на Твитер, а околу 600 од нив ја споделија објавата, што е прокоментирано како поддршка на челниците на ФЕТО кои стојат зад писмото упатено до Ѓулен.
Во коментарите водачот на терористичката организација, Ѓулен, е критикуван поради држењето на Туркјолу до себе и „покрај неговите грешки и корупцијата“. Укажано е исто така и на неправедноста кон членовите на организацијата на пониските нивоа, како наставниците, кои и на најмал приговор се испраќаат во најоддалечените делови на светот.
- Членовите на ФЕТО на Твитер ја споделуваат ознаката #Susma (Не молчи) –
Исмаил Сезгин, академски работник поврзан со ФЕТО, исто така на својот профил на Твитер ја сподели ознаката „Susma“ (Не молчи). Многу членови на организацијата кои бараат транспарентност во организацијата ја поддржаа ознаката на своите објави.
„Не молчи пред неправдата“, напиша Сезгин и објави видеоснимка за Осман Шимшек во која изнесе низа самокритики во име на организацијата ФЕТО. Тој го постави прашањето дали ФЕТО во себе ќе ја најде правдата што ја бара од останатите.
„Мислам дека инцидентот со ова писмо е прашање кое очигледно му оневозможува на Фетула Ѓулен да добие информации од сопствената заедница. Освен тоа, може да значи сериозна слабост, можеби предавство“, наведе Сезгин.
Останува да се почека дали Туркјолу ќе се огласи за обвиненијата за кои се товари, а и претходно е обвинуван за поседување на вкупно 39 недвижни имоти во четири турски градови и за многу луксузен живот и покрај фактот што нема официјално вработување.
Туркјолу, кој и претходно во ФЕТО е обвинуван дека преку организацијата лично се богати, на своето семејство има регистрирано вкупно седум недвижни имоти во американските држави Пенсилванија и Флорида.
Новинарот Нуретин Верен, кој врската со организацијата ФЕТО ја прекина на почетокот на 2000-тите тврдејќи дека Ѓулен се обидел да го убие и кој во своите телевизиски програми во повеќе наврати ги изнесуваше нелегалните активности на организацијата, за Туркјолу изјави:
„Тој е со Ѓулен од својата 12-та година. Тој се грижи и за неговите најинтимни работи. Неговите наредби вредат еднакво како и на Ѓулен. Можам да кажам дека тој е втор човек на ФЕТО или најмрачен човек по Фетула.“
Турското правосудство за Туркјолу распиша потерница поради многу злосторства, вклучувајќи го и „водството на вооружената терористичка организација“ и „обидот за кршење на уставниот поредок“.
Туркјолу, кој во организацијата е познат како „Узун Џевдет“ (Висок Џевдет), е оженет со внуката на Ѓулен, Мебруке, и се наоѓа на листата на барани терористи и за него Министерството за внатрешни работи распиша награда од 10 милиони лири.
Со Ѓулен се запознал во 1974 година во училишниот дом во Измир, а откако дипломирал право на Универзитетот „9 Септември“, станал дел од управителната структура на ФЕТО.
Според податоците достапни на јавноста за недвижните имоти во САД, на семејството Туркјолу се регистрирани седум куќи во државите Пенсилванија и Флорида. Четири се регистрирани на Туркјолу и на неговата сопруга, две се во сопственост на неговата ќерка Бусра Туркјолу, а една куќа е во сопственост на неговиот син Есат Туркјолу.
Фотографијата на синот на Туркјолу, Есат, на која позира пред својот автомобил „ферари“ во Пенсилванија, е споделена претходно на социјалните медиуми.
news_share_descriptionsubscription_contact
