Aydoğan Kalabalık
08 Август 2019•Ажурирај: 09 Август 2019
КУВАЈТ (АА) – Администрацијата на Кувајт, по 29 години ги презеде останките на своите граѓани кои исчезнаа за време на инвазијата на Ирак во Кувајт, во времето на Садам Хусеин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според кувајтската официјална новинска агенција КУНА, останките на граѓаните на Кувајт исчезнати пред 29 години, биле предадени од ирачките власти на граничниот премин „Абдали“.
Функционерот Раби ал Адсани од кувајтското Министерство за надворешни работи, говорејќи за КУНА, рече дека неговата земја веќе претходно ги доставила своите барања до ирачката администрација.
Адсани не даде информации за бројот на кувајтски граѓани чии останки се доставени.
Ирачката администрација претходно на кувајтските власти им предаде коски на 32 лица за идентификација.
Трипартитната комисија, формирана во рамките на Црвениот крст за решавање на состојбата на кувајтските затвореници, во ноември 2018 година соопшти дека има останки во јужен Ирак.
Кувајт соопшти дека 320 граѓани исчезнале во 1990-1991 година. Ирачката администрација пак, соопшти дека 5 илјади Ирачани исчезнале во истиот период.
Ирачката армија го нападна Кувајт на 2 август 1990 година и ја презеде власта за два дена. На 9 август администрацијата на Садам соопшти дека Кувајт е поврзан со Ирак.
На 17 јануари 1991 година коалиција предводена од 37 држави ја започна операцијата „Пустинска бура“ против Ирак, а како резултат на воената операција која траеше до 28 февруари, Кувајт беше ослободен од инвазијата на Ирак.