КУДС (АА) - По одлуката на американскиот преседател Доналд Трамп, донесена на 6. декември, да го признае Кудс за главен град на Израел, вчера претставниците на Организацијата за исламска соработка (OIC) го повикаа светот да го признае Источен Кудс за главен град на државата Палестина. Овие потези во однос на Кудс уште еднаш го доведоа овој град во центарот на светското внимание, пишува Anadolu Agency (AA).
Источен Кудс уште од 1967 година се наоѓа под окупација на Израел, кој настојува да го евреизира, иако Кудс за свет град го сметаат сите три големи религии.

Влезот во овој град со долгогодишна традиција е оневозможена за речиси 3 милиони Палестинци кои живеат на Западниот Брег поради ѕидовите со кои е обиколен. Истиот проблем го имаат и 2 милиони Палестинци кои живеат во Појасот Газа.
- За милиони Палестинци враќањето во Кудс е само сон -
Пет милиони палестински бегалци низ целиот свет немаат можност да го исполнат својот сон и да се вратат во Кудс.
Бројот на Палестинци кои денеска живеат во Источен Кудс едвај да изнесува над 300.000. Тие се соочуваат со низа закани и опасности, а апсењата и губењето на сопствените домови се само некои од нив, така што одлуката на Трамп само го зголеми бесот и разочарувањето кај Палестинците.
Оние кои живеат во градот чии улици денеска изгледаат пусто, можат да ги чујат сеќавањата на старите лица кои се поврзани со периодот пред окупацијата на градот.
„Порано, жителите на Газа во Кудс продаваа јагоди, жителите на Ел Халил (Хеброн) грозје, а жителите на Тулкарем портокали. Кудс беше место на средби на сите Палестинци. Особено во петоците, пред Портата на Дамаск, која е една од главните влезови во овој древен град опколен со ѕидини, можевте да сретнете Палестинци од сите делови на земјата. Денеска пак, и оние на кои им е дозволен престојот во градот, избегнуваат да се собираат пред Портата на Дамакс. Дури и продавниците се затвораат пред самракот. Окупаторските војници чекаат подготвени во секој ќош”, се зборови кои често можат да се чујат од постарите и јасно ја опишуваат ситуацијата во којашто се наоѓа Кудс денеска.
- Како започна процесот кој Кудс го доведе во оваа состојба? -
Британската војска предводена од генерал Eдмунд Аленби го зазема Кудс во 1917 година, со завршувањето на османлиското владеење, во Палестина е отворен пат за реализација на ционистичкиот план за втемелување на еврејска држава. Истата година е објавена Декларацијата на Балфур, со која е предвидено создавање на таква држава.
По завршувањето на британскиот мандат над Палестина, Дејвид Бен Гурион на 14. мај 1948 година објави дека е прогласена државата Израел. Овој ден Палестинците го нарекуваат Накба и го одбележуваат како почеток на катастрофата која трае, односно на систематскиот прогон во кој се протерани милиони Палестинци.
Западен Кудс премина под управа на Израел, а Источен Кудс беше под контрола на Јордан. Израел во шестдневната војна која се случи во 1967 година, го окупираше и Источен Кудс.
Таквиот статус на Источен Кудс е една од најголемите пречки за решавањето на израелско-палестинското прашање. Генералното собрание на Обединетите нации, на 29 ноември 1947 година ја усвои резолуцијата со која се предвидува поделба на палестинската територија на палестинска и еврејска држава. Според планот за поделбата на ОН од 1947 година, историскиот простор на Палестина да биде поделен на еврејска и палестинска држава, Кудс добива посебен статус и требаше да биде ставен под меѓународен суверенитет и контрола.
- Кудс, светиот град на трите монотеистички религии -
Причина за посебниот статус на Кудс е тоа што тој е свет град за трите големи религии. Сепак, во 1980 година Израел го прогласи Кудс за главен град. Советот за безбедност на ОН (СБОН) со резолуцијата 478 го поништи едностраното прогласување.
До изминатата недела ниту една земја го немаше признаено Кудс за главен град на Израел, сѐ до одлуката на Трамп.
Амбасадите на сите земји кои го признаваат Израел се наоѓаат во Тел Авив. Сепак, согласно со одлуката на американскиот претседател, амбасадата на САД ќе биде преместена во Кудс.
Од друга страна, во Источен Кудс живеат повеќе од 200.000 еврејски доселеници, чии населби се сметаат за нелегални и се во спротивност со меѓународното право.
Исто така, повеќе од 300.000 Палестинци кои живеат во Источен Кудс немаат државјанство на ниту една земја, а речиси 500.000 Палестинци живеат во страв дека секој момент можат да бидат протерани од градот.
На Палестинците не им е дозволена изградба на куќи во Источен Кудс, поради тоа се принудени да го напуштаат градот, а доколку го сторат тоа, забрането им е враќање. Доколку еден од членовите на семејството се најде на израелската листа на терористи, како што се нарекуваат учесниците во судирите, тоа е причина целото семејство да биде протерано од Кудс.
Според податоците на организацијата за човекови права „B’Tselem“ (Б'Тселем), Израел од 1967 година досега ја укинал дозволата за престој на 14.000 Палестинци, поради што тие се протерани од Источен Кудс.
Наспроти тоа, Израел ги поттикнува евреите од сите делови на светот да дојдат во Израел, а со тоа и во Источен Кудс, доделувајќи им државјанство.
- Во Источен Кудс живеат 200.000 илегални еврејски доселеници -
Иако проектите за изградба на еврејските населби во Источен Кудс се сметаат за илегални, Израел од 1967 година наваму за тие луѓе изгради низа населби. Само во Источен Кудс, во овие илегални населби живеат над 200.000 еврејски доселеници.
Советот за безбедност на ОН (СБОН) на 23 декември 2016 година донесе резолуција со која од Израел се бара да ја запре изградбата и проширувањето на окупираните палестински територии.
Но Израел не се осврна ниту на тој потег.
Населбите се наоѓаат под силно обезбедување од страна на полицијата и војската, а влезот во нив е забранет за сите, освен за евреите. Израелската администрација минатиот месец донесе одлука за изградба на нови 15.000 станбени единици за еврејските доселеници во Источен Кудс.
Израелската администрација за ТВ „Канал 2” изјави дека за станбените единици за еврејските доселеници во Источен Кудс и на Западниот Брег потрошила околу 20 милијарди долари.
Од друга страна, Палестинците речиси не можат да добијат градежна дозвола. Во градот има околу 20.000 „бесправно изградени куќи” на Палестинци, кои во секој момент можат да бидат урнати. Екипи на градежната управа повремено организираат уривање на овие куќи, а трошоците мораат да ги платат Палестинците.