Ali Cura
01 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
РИМ
НАТО не сака да воспостави дијалог со Русија, изјави вчера рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција по самитот на Г-20 во Рим, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Немаме информации што ќе направи НАТО. Се потпираме на факти и овие факти укажуваат на тоа дека НАТО не сака никаква интеракција со нас“, одговори Лавров, на прашањето дали НАТО испратил сигнал до Русија за воспоставување дијалог.
„Дури и кога имавме претставник во НАТО, тие не сакаа такво нешто. Сакаа да нѐ научат како да живееме, да разговараме за Украина и да водиме пропаганда“, додаде тој.
НАТО на 6 октомври објави дека го намалил персоналот на руската мисија во седиштето на алијансата во Белгија од 20 на 10 членки, со што ја одзема акредитацијата на осум дипломати и укина две слободни места. Потоа побара од руските дипломати да го напуштат Брисел до крајот на октомври.
На 18 октомври Лавров објави дека Русија ќе ја прекине својата мисија во НАТО од ноември наваму како одмазда на одлуката на алијансата. Тој исто така рече дека работата на воената мисија за врски и информативната канцеларија на НАТО во Москва ќе биде прекината.
Осврнувајќи се на зголеменото американско воено присуство во Црното Море, тој тврди дека одлуката на Вашингтон да испрати воени бродови таму не придонесува за стабилноста во регионот.
Истакнувајќи дека Русија бара соработка во регионот, а не конфронтација, Лавров сепак предупреди дека Русија е подготвена да се одбрани од секој вид закани и може со сигурност да ја осигура својата безбедност во Црното Море.