10 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
КУДС (АА) - Претстојната влада предводена од Бенјамин Нетанјаху се обликува да биде „најекстремната и најлудата“ во историјата на Израел, предупреди премиерот во заминување Јаир Лапид, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нетанјаху е слаб, а неговите партнери се помлади, поодлучни и поекстремни од него, и безусловно го потчинија“, напиша Лапид на Твитер.
Тој вети дека ќе продолжи да се бори „за нашата сакана земја, за нашата демократија, за нашите војници, за иднината на нашите деца“.
Изборите во ноември го отворија патот за Нетанјаху, премиер со најдолг стаж во Израел, да се врати на власт.
Во петокот, претседателот Исак Херцог му даде 10 дополнителни дена да формира Влада, продолжувајќи го првичниот рок од 11 декември до 21 декември.
Нетанјаху ги привлекува религиските тврдокорци и екстремно десничарските сили за формирање нова Влада, за што опозициските партии предупредуваат дека нивната политика може да ја поткопа демократијата и да поттикне конфликт.
Доколку Нетанјаху не може да ја финализира Владата во продолжениот рок, Херцог би можел да му ја додели задачата на друг политички лидер.
Секоја нова Влада има потреба од поддршка од најмалку 61 од 120 членови на Кнесетот за парламентарно гласање за доверба.