Ahmed Asmar
12 Февруари 2025•Ажурирај: 12 Февруари 2025
ТРИПОЛИ (АА) – Либискиот министер за државни работи во Владата, Адел Џума, преживеа обид за атентат денес во главниот град Триполи, изјави либиски извор, јавува Анадолу.
Министерот беше повреден во нападот откако непознати вооружени лица отворија оган врз неговото возило во областа Гаргур во Триполи, додаде изворот.
Според овој извор, Џума е хоспитализиран, но неговата состојба не е сериозна.
Либиската Влада на национално единство остро го осуди нападот, при што во соопштението наведе дека „нема да толерира никаков обид за загрозување на безбедноста и стабилноста на државата“.
Од Владата информираа дека министерот е во „стабилна“ состојба и дека надлежните органи започнале истрага за пронаоѓање на сторителите.
Обидот за атентат врз министерот се случи во време на напори од страна на ОН и локалните власти за организирање избори што би ја решиле кризата меѓу двете ривалски влади во земјата.
Едната е Владата на национално единство, предводена од Абдул Хамид Дбеибе, со седиште во Триполи, која го контролира западниот дел на земјата и признаена е од ОН.
Другата Влада, назначена од Парламентот на почетокот на 2022 година, е предводена од Осама Хамад и има седиште во Бенгази, а го контролира источниот дел на Либија и најголемиот дел од југот.
Либијците се надеваат дека долгоочекуваните избори ќе стават крај на политичките и вооружените конфликти и ќе го завршат транзицискиот период што започна по соборувањето на режимот на Муамер Гадафи, кој владееше од 1969 до 2011 година.