Metin Mutanoğlu,Safiye Karabacak,Mahmut Geldi,Said İbicioğlu
04 Мај 2017•Ажурирај: 05 Мај 2017
ДОХА (АА) - Политичкиот лидер на движењето Хамас, Халид Мешал, изјави дека документот за новата визија на Хамас ќе овозможи здрава комуникација со светот, и дека директните преговори со Израел би биле бескорисни и ризични, јавува Anadolu Agency (AA).
Мешал во интервјуто за АА се осврна на документот за новата визија и политиката на палестинското движење за отпор, Хамас, кој е обновен пред неколку дена.
„Фактот дека во редовите на Хамас е постигнат договор за објавување на документот за новата визија, предизвика големо задоволство во самото движење. Овој документ во ништо не се разликува од сржта и принципите на движењето, како ни од основата на правата на палестинскиот народ", рече Машал.
Во врска со незадоволството на Израел за објавениот документ којшто ги претставува основните принципи и политика на движењето Хамас, Мешал истакна дека на Израел му пречи тоа што Хамас ќе изгради еден отворен имиџ, со кој, почитувајќи ги принципите на палестинскиот народ, ќе се овозможи здрава комуникација со светот.
Мешал додаде дека Хамас не тргна во насоката што ја очекуваше Израел, бидејќи Израел не сака силен Хамас.
Во продолжение, Мешал нагласи дека Израел прави сѐ за да го расипе имиџот на Палестина, и додаде:
„Израел на секој начин се обидува нашиот народ да го претстави преку елементи на екстремизам и тероризам. Со овие обвинувања, Израел настојува да ги прикрие своите вистински цели, како што се пролевање крв, отуѓување на имот, и избегнува да се постигне праведно решение. Хамас верува дека овој документ ќе придонесе ставот на палестинскиот народ да допре до пошироките народни маси, но истовремено и да добие поголема поддршка од светот“, рече Мешал.
Тој во разговорот зборуваше и за директните преговори со Израел, нагласувајќи дека во принцип, кога тоа е неопходно, може да се преговара со непријателот.
„Тоа е политика отворена за промени. Движења или држави можат да бидат во ситуација да преговараат со непријателот кога тоа е потребно за да се постигне целта. Но треба да се почека за да се постигне соодветна основа и да дојде време за да поставите равенка на начин на кој непријателот ќе биде принуден да ви го даде тоа што ви припаѓа. Историјата е полна со такви примери“, рече Мешал.
Според неговите зборови, Хамас во моментов ја следи политиката според која не влегува во директни преговори со Израел.
„Во моментов немаме сериозни услови според кои би воделе директни преговори, бидејќи непријателот не посакува мир и не ги почитува нашите права. Затоа, во моментов директните преговори со Израел не би биле од корист и би биле многу ризични“, порача Мешал.
Мешал на 1. мај изјави дека Хамас усвоил политички документ чија цел е на меѓународната заедница да ѝ се отворат нови видици на движењето. Документот содржи точки како што е нов начин на претставување, односно дефинирање на Хамас, основање палестинска држава според границите од 1967 година и став кон Евреите и кон верскиот екстремизам.
Во него се вели дека се неважечки сите одлуки за поделба на Палестина и основање на Израел, првенствено мислејќи на Балфоровата декларација.
Во првата точка на документот, Хамас се претставува како движење на палестинската исламска национална слобода и отпор, чија цел е ослободување на Палестина и борба против ционистичкиот проект. Целите и средствата за референци се земаат од исламот и не се зборува дека Хамас е дел од „муслиманското братство“, за разлика од претходниот документ.
Во документот големо внимание му се придава на тоа дека движењето го прифаќа формирањето на палестинската држава во границите од 4. јули 1967 година. Движењето гледа на формирањето на независна држава во тие граници, со главен град Ерусалим, како на формула за заеднички национален договор.