Tayfun Salcı
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) – Американската актерка Линдзи Лохан изјави дека на лондонскиот аеродром „Хитроу“ била дискриминирана поради носење шамија, јавува Anadolu Agency (AA).
При гостувањето на една утринска програма на телевизијата „ИТВ“, Лохан рече дека пред извесно време, додека се качувала на авион за Њујорк, една службеничка побарала од неа да ја тргне шамијата.
Лохан истакна дека првпат во својот живот се чуствувала дискриминирано. „Службеничката побара од мене да ја тргнам шамијата, ја тргнав. Не беше проблем за мене, но ме исплаши замислата како може да се чувствува некоја друга жена во таква ситуација, на која ѝ пречи да ја тргне шамијата. Бев некако во шок“, рече Лохан.
Американската актерка исто така рече дека службеничката ѝ се извинила откако прочитала дека на пасошот пишува „Линдзи Лохан“.
Во врска со прашањето дали таа станала муслиман или не, Лохан одговори: „Не сакам да зборувам на некоја тема со која што сѐ уште не сум завршила. Тоа не е во ред. Сепак, многу внимавам на таа тема“.
Линдзи Лохан истакна дека е заинтересирана за исламот и дека го истражува Куранот. „Не само со читање на Куранот, јас наоѓам утеха кога читам и други видови верски текстови“, рече Лохан.
Минатиот месец во Анкара, Лохан беше примена од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. За време на посетата, познатата актерка на претседателот Ердоган и на неговата сопруга Емине Ердоган им подари симболична значка со натписот: „Светот е поголем од 5“.