Alma Dekovic
10 Март 2023•Ажурирај: 12 Март 2023
ТЕЛ АВИВ (АА) - Илјадници Израелци се собраа да демонстираат под слоганот „Ден на отпорот“, кој е организиран синоќа во знак на протест поради планот на израелската Влада да спроведе реформи во судството, што опозицијата го смета за обид овластувањата на судските органи да се намалат во корист на извршната власт, пренесува Анадолу.
Демонстрантите ги блокираа главните улици и оние кои водат до аеродромот „Бен Гурион“, недалеку од Тел Авив, од каде израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху полета за Рим, објави Би-би-си.
Главниот собир се одржа во центарот на Тел Авив, каде беа распоредени речиси 3.000 припадници на израелската полиција.
Демонстрантите носеа знамиња на Израел, извикувајќи слогани против реформите во судството, а на некои локации беа запалени и факели.

Израелскиот јавен сервис КАН претходно ја објави изјавата на министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир, кој рекол дека полицијата нема да дозволи блокирање на главните патишта, вклучувајќи ги и оние делови кои водат до аеродромот „Бен Гурион“.
Министерот Бен-Гвир додаде дека е донесена одлука парично со 500 израелски шекели (140 долари) да се казни секој возач кого ќе го фатат дека намерно вози полека, со цел да предизвика проблеми во сообраќајот.
Во последните 2 месеци, во повеќе наврати, илјадници Израелци излегоа на улица протестирајќи против плановите на Владата на Бејнамин Нетанјаху за реформи во судството.
Реформата што ја предложи министерот за правда Јарив Левин би била најрадикална промена некогаш спроведена во системот на власта во Израел. Предложената реформа би ги ограничила овластувањата на Врховниот суд за правда, би и овозможила на Владата да бира судии и да го финализира именувањето на правните советници во министерството од страна на државниот обвинител.
Нетанјаху, на кого му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформи во судството би ја унапредил демократијата.