Elena Teslova
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
МОСКВА (АА) - Заменик-шефот на Безбедносниот совет на Русија и поранешен премиер, Дмитри Медведев, денес изјави дека Русија не може да го игнорира ставот на Турција во врска со конфликтот во Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи во интервју со руските медиуми во врска со улогата на Турција во прашањето за Нагорно Карабах, Медведев ги нагласи блиските односи меѓу Турција и Азербејџан и значењето на партнерството меѓу Русија и Турција.
Тој исто така изјави дека соработката меѓу Русија и Турција за Нагорно Карабах е стабилизирачки фактор.
„Турција е наш сосед и многу важен партнер. Исто така е многу блиска земја за Азербејџан. Овој фактор не може да се игнорира. Ние имаме продуктивен дијалог со нив, претседателот на нашата земја постојано комуницира со турскиот претседател Ердоган на оваа тема“, изјави Медведев.
„Ние мора да ја земеме предвид реалноста што постои во нашиот регион. И реалноста е дека денес за ова прашање треба да се разговара со нашите партнери од Турција“, рече тој.
Медведев ја потврди посветеноста на Русија за дипломатско решение на конфликтот во Карабах, но рече дека прашањето за територијалниот статус на Карабах е подобро да се одложи за идниот период, бидејќи може да предизвика нова ескалација.
- Што се случи во Карабах? -
Односите меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, територија признаена како дел од Азербејџан и седум соседни региони.
На 27 септември минатата година, ерменските сили започнаа нови напади врз населените места и воените позиции на Азербејџан, а азербејџанската Армија одговори со операција за ослободување на окупираните региони и успеа да им нанесе големи загуби на ерменските сили и да ослободи неколку градови и над 300 населени места.
Ерменија и Азербејџан на 10 ноември минатата година постигнаа договор за ставање крај на судирите во Нагорно Карабах. Договорот беше постигнат со посредство на Русија и предвидуваше повлекување на ерменските сили од Лачин, Келбеџер и Агдам. Руските и турските мировни сили ќе бидат вклучени во механизмот за мониторинг на примирјето.
Заедничкиот турско-руски центар започна со работа во саботата за да го набљудува примирјето, со 60 руски и 60 турски трупи на должност.
На 11 јануари, лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија потпишаа пакт за развој на економските врски и инфраструктурата, во корист на целиот регион. Тоа вклучуваше формирање на трилатерална работна група за Нагорно Карабах.
Прекинот на огнот се смета за победа на Азербејџан и пораз на Ерменија, чии вооружени сили се повлекоа во согласност со договорот.
Прекршувања, сепак, беа пријавени во текот на последните неколку недели, со тврдења дека некои ерменски војници се криеле во планинската енклава.