Rıyaz Khalıq
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Главниот судски орган на Обединетите нации (ОН) денес ја соопшти својата пресуда за обвиненијата кон Мјанмар за геноцид врз муслиманското малцинство Рохинџа во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Читајќи ја пресудата за случајот подигнат минатиот месец од страна на Гамбија, претседателот на Меѓународниот суд на правдата, судијата Абдулкави Ахмед Јусуф, одреди рок од четири месеци за Мјанмар да преземе превентивни мерки и да осигура дека на Рохинџите во земјата нема да им се нанесува зло.
Јусуф истакна дека прогонетите припадници на заедницата Рохинџа се заштитена група во Мјанмар според Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година, додавајќи дека одлуката во никој случај не „прејудицира за основаноста на случајот за тоа дали Мјанмар е одговорен за геноцид“.
Судот побара од Мјанмар да ги преземе сите мерки во рамки на својата моќ да ги спречи актите на „убивање на припадниците од заедницата [Рохинџа], предизвикувајќи им физичко или пак психичко зло, и да спроведе мерки против намерите за уништување на заедницата“.
„Мјанмар мора да се погрижи нејзините воени или какви било други организации или групи под нивна контрола да не вршат никакви акти на заговор за извршување геноцид, кон вршење на геноцид или пак, обид или соучесништво во геноцид“, се вели во пресудата.
Се додава дека Мјанмар мора да преземе ефективни мерки кон спречување на уништувањето на доказите за геноцид.
Од Мјанмар понатаму се бара да поднесе извештај за спроведувањето на превентивните мерки издадени од судот на ОН за период од четири месеци.
Меѓународниот суд на правдата, исто така, побара од Мјанмар да приложи копија од извештајот до Гамбија.
„По својот прв извештај, кој ќе се поднесе четири месеци по донесувањето на оваа пресуда, Мјанмар ќе презентира извештај за преземените мерки на секои шест месеци“, стои во одлуката на Судот.