Havva Kara Aydın
04 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
ПАРИЗ (АА) - Француското Национално собрание ја одобри Резолуцијата која ја повикува Владата да го признае Нагорно Карабах како Република, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако минатиот месец беше усвоена во Сенатот, Резолуцијата, која има симболично значење, беше усвоена во Собранието со 188 гласа „за“ и три гласа „против“, додека 16 пратеници беа воздржани.
Француската Влада со ваквата одлука повикува на признавање на Нагорно Карабах за Република и повторна проценка на процесот на членство на Турција во ЕУ со нејзините европски партнери, поради улогата на Турција во конфликтот во Нагорно Карабах.
Според Обединетите нации (ОН), Нагорно Карабах е азербејџанска територија.
Франција исто така беше критикувана поради тоа што не е неутрална и ја поддржува Ерменија во конфликтот во Нагорно Карабах, како една од копретседавачките земји на Групата Минск на ОБСЕ.
- Франција е критикувана за поддршката на Ерменија -
Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив ле Дриан, го одби повикот за признавање, велејќи дека Ерменија не го бара тоа. Тој исто така нагласи дека доколку се преземе таква одлука, Франција ќе се отстрани самата од Групата Минск на ОБСЕ и ќе се откаже од својата улога на посредувач.
На 23 ноември, францускиот Сенат усвои Резолуција со која се повикува на признавање на Нагорно Карабах како Република.
Нагорно Карабах е територија призната како дел од Азербејџан.
Окупиран е од страна на Ерменија во 1991 година и оттогаш постои конфликт со нејзиниот сосед Азербејџан.
Новите судири на територијата започнаа на 27 септември и завршија шест недели подоцна, откако беше постигнат договор за примирје посредуван од страна на Русија.