Dilara Hamit
29 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека според таканаречениот американски мировен план за Блискиот Исток, главниот град на Палестина би требало да биде Абу Дис, населба во предградието на Ерусалим (Кудс), што САД го признаваат како неразделив главен град на Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелската телевизија „Макан 33“ јавува дека Нетанјаху одговарал на прашањата на новинарите во врска со таканаречениот мировен договор, по заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
„Главниот град на Палестина ќе биде Абу Дис, во Источен Ерусалим (Источен Кудс). Израел ќе доминира со сите еврејски населби во Западниот Брег“, изјави Нетанјаху.
Нетанјаху изјави дека САД поставиле одредени услови за Палестинците за почеток на преговори, вклучувајќи го и признавањето на еврејска држава, признавањето на израелскиот суверенитет во Ерусалим (Кудс) и откажување од правото за враќање на палестинските бегалци.
Нетанјаху, исто така, изјави дека САД бараат од Палестинците да се разоружи Газа, да се спречат исплатите на помош на семејствата од притворените и загинатите Палестинци и тие да се прогласат за терористи. Од Палестинците бараат и да прекинат да поднесуваат жалби до Меѓународниот кривичен суд и да не можат да бидат член на меѓународна организација без одобрение од Израел.
Нетанјаху нагласи дека без исполнување на овие услови, нема да има промени во областа Ц на Западниот Брег.
„Истовремено, Израел ќе ги примени своите закони во Јорданската Долина, за сите еврејски заедници во Јудеја и Самарија и за другите области што планот ги назначува како дел од Израел и што САД се согласија да ги признаат како дел од Израел“, изјави тој.
Нетанјаху истакна дека ветиле оти нема да изградат нова населба или да ја прошират градежната активност во областа Ц за четири години.
Според спогодбите во Осло во 1995 година меѓу Израел и палестинската власт, Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим (Источен Кудс), беше поделен на три дела - област А, Б и Ц.
Израел ги спречува Палестинците да изведуваат градежни проекти во делови од Западниот Брег назначени како oбласт Ц според договорот, кој спаѓа под административна и безбедносна контрола на Израел.
Меѓународното право ги смета Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс) како „окупирани територии“ и ги смета за нелегални сите активности за градење населби таму.