Betül Yürük
11 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
ЊУЈОРК (АА)
- Бетуљ ЈУРУК
На денешен ден пред 20 години извршени се терористички напади на Светскиот трговски центар (WTC) во Њујорк и зградата на Пентагон во Вашингтон. Екипата на АА во Њујорк разговараше со младите Американци родени по 11 септември 2001 година, во обид да дознае како овој настан изгледа во очите на младите Американци, пишува Агенција Анадолија (АА).
Низ САД, но и низ светот, денес се одбележува 20-годишнината од терористичките напади на 11 септември, во кои животот го загубија околу 3.000 луѓе.
Новинарот на АА ги поставуваше прашањата за 11 септември на младите луѓе кои за овој страшен настан дознале од школските учебници, од книгите, од своите семејства.
Витни, 12-годишно девојче од Њујорк, рече дека за нападите на 11 септември првпат слушнала на училиште.
„Како малечка научив дека она што се случило на 11 септември е многу тажно. Жал ми е поради жртвите од 11 септември и нивните семејства“, рече Витни, додавајќи дека читала вести за 11 септември, додавајќи дека во почетокот ѝ било тешко сè да сфати.
Елизабет, родена 2002 година, рече дека за нападите од 2001 година слушнала од своите родители.
„Моите родители се воени лица, мојот брат е војник, кој само што се врати од Кувајт. Тоа не е нешто што тукутака ќе се заборави. Тој ден мојата мајка случајно да била таму, денес ќе ме немаше мене“, рече Елизабет.
Таа додаде дека за нападите дознала уште како ученичка во основното училиште, по што заминала до местото „Гранд зиро“ и положила цвеќе во чест на жртвите од терористичкиот напад.
Истакнувајќи дека има поинакви чувства во врска со повлекувањето на САД од Авганистан, Елизабет изјави: „Среќна сум што нашите војници се на сигурно и што се тука, но многу е тешко да се напушти место кое страда.“
Кејлеб Андерсон е млад њујорчанец роден по 11 септември 2001 година. За настанот што го потресе светот првпат слушнал од наставниците на училиште.
„Сакам да слушам приказни од луѓето и да учам како тие влијаеле врз нив. Кога и да се спомене, подобро разбирам како тоа влијае на нашата земја“, рече Кејлеб, нагласувајќи дека е многу важно да не се заборави она што се случило пред 20 години и дека секогаш ќе се сеќава на тоа.
Џулиет (19) изјави дека не можела да поверува кога за првпат слушнала за настаните од 11 септември 2001 година.
„Кога за првпат дознав за тоа, помислив ‘Како ова можело да се случи, тоа е лудост’“, рече Џулиет, додавајќи дека е тажна поради она што се случило.
На 11 септември 2001 година, во утринските часови се случија координирани терористички напади на Њујорк и Вашингтон, што ги изведоа 19 припадници на Ал Каеда со 4 киднапирани патнички авиони на трансконтиненталните летови од источниот кон западниот брег на САД. Два авиона се забија во висококатниците на Светскиот трговски центар (WTC) во Њујорк, третиот во Пентагон, додека четвртиот авион падна во округот Самерсет во Пенсилванија. Во двата напади животот го загубија околу 3.000 лица.
Борбата против Ал Каеда и Осама бин Ладен во Авганистан започна по неполн месец по нападот. Осама бин Ладен е убиен 10 години подоцна, на 11 мај 2011 година.