Ekipa
27 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
СЕУЛ (АА) - Обвинителството во Јужна Кореја денес побара да биде уапсена поранешната јужнокорејска претседателка Парк Геун Хје, помалку од три недели откако беше протерана од претседателската Сина палата, јавува Anadolu Agency (AA)
Во соопштението на обвинителството се тврди дека постои можност таа да ги уништи доказите.
Централниот окружен суд во Сеул ќе одлучи дали да го проследи налогот, а веќе ги има прифатено барањата за апсење на други високи фигури вовлечени во скандалот, како што е шефот на „Самсунг“, Ли Џае-јонг.
И покрај масовните улични протести, Парк беше соборенa кога Уставниот суд на 10 март одлучи да ја поддржи постапката за импичмент во Парламентот.
„Би било неправедно да не се бара налог со оглед на тоа што се во притвор нејзиниот соучесник Чои Сун-сил, како и оние владини претставници што го следеа нејзиниот правец и оние што дадоа поткуп“, додава обвинителството, се вели во соопштението на локалната новинска агенција Јонхап.
Државните обвинители ја продолжија истрагата за скандалот откако отворија посебна истрага минатиот месец, а претходно Парк можеше да избегне да биде директно под истрага благодарение на претседателскиот имунитет.
Таа пред речиси една недела беше испрашувана околу 14 часа.
На поранешната претседателка може да ѝ биде одредена затворска казна во траење од една деценија доколку биде прогласена за виновна за кривичните дела како што се изнудување донации од големите конгломерати или вмешаност во корупција.
Јужна Кореја на 9 мај ќе одржи предвремени избори за наследникот на Парк.