Bayram Altuğ
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Помошникот на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Марк Лукок, порача дека во Аракан се случува една од најголемите светски хуманитарни кризи, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека бегалскиот бран од Аракан во Бангладеш продолжува. Лукок во Женева изјави дека во текот на претходните денови ги посетил бегалските кампови во Бангладеш заедно со директорот на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.
Тој изрази благодарност до оваа земја и народот, кои дадоа поддршка и понудија засолниште за араканските муслимани.
„Светот треба да биде благодарен на Владата на Бангладеш и на народот, кој даде поддршка за бегалците. Една од најголемите хуманитарни кризи во светот се случи во северен Аракан“, нагласи Лукок.
Тој предупреди дека уште стотици илјади бегалци чекаат да влезат во Бангладеш. Лукок го повтори повикот до Владата на Мјанмар да му дозволи на ОН целосен и безусловен пристап во Аракан.
Лукок за 23 октомври најави меѓународна хуманитарна конференција во Женева, со цел да им се помогне на араканските бегалци.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите денови разурна најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени да пребегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на загинатите во нападите на муслиманските села. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.