Bayram Altuğ,Ömer Faruk Yıldız
21 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Во Женева денес почна седмата рунда преговори што ги води Сириската конститутивна (уставотворната) комисија, која е задолжена за изработка на предлог-нацрт на новиот Устав во земјата зафатена со војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за преговори што ги води „Малата група“, која ја сочинуваат по 15 претставници на режимот, опозицијата и граѓанското општество од Сирија, а модератор на преговорите е специјалниот пратеник на Обединетите нации, Геир О. Педерсен.
Оваа рунда преговори се водат во женевскиот хотел „Интерконтинентал“, а сите претходни се одржани во Канцеларијата на ОН во Женева.
Пратеникот на ОН, Педерсен, вчера најави дека преговорите ќе бидат водени за четири члена од нацртот на новиот сириски Устав, а тоа се принципите на државната администрација, државниот идентитет, симболите на земјата и структурата и функциите на државните органи.
Тој кажа дека седмата рунда преговори ќе траат до 25 март и дека делегациите секој ден ќе преговараат за по една од наведените теми.
Формирањето на Сириската конститутивна комисија е резултат на мировниот процес започнат во Астана со гаранција на Турција, Русија и Иран.
Според документот што на 26 јули 2020 година го потпиша генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, Сириската конститутивна комисија ја сочинуваат вкупно 150 делегати, односно по 50 делегати што го претставуваат режимот, опозицијата и цивилниот сектор од Сирија.
Комисијата е составена од две тела. Првото, големо тело, го сочинуваат сите членови на Комисијата, а второто тело го сочинуваат по 15 избрани делегати од сите три делегации кои ќе бидат одговорни за техничкиот дел од пишувањето на нацрт-уставот.
Сите предлози од 45-члената група ќе мора да бидат одобрени од страна на 150 членови на Комисијата, односно со најмалку 75 отсто гласови.
На чело на Комисијата се копретседавачки членови кои ги претставуваат опозицијата и режимот.