Safvan Allahverdi
06 Август 2017•Ажурирај: 06 Август 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Советот за безбедност при ОН вчера гласаше за воведување на нови санкции кон Северна Кореја поради неодамнешното тестирање на интерконтинентална балистичка ракета и напредувањето во однос на нуклеарното оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Со гласањето Советот го предупреди севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дека нивните зборови ќе ги преточат во дела, изјави американскиот амбасадор на ОН, Ники Хејли, откако сите 15 земји-членки на советот гласаа за санкциите.
„Неодговорните и безгрижни акти на Северна Кореја се покажаа прилично скапи за режимот”, рече Хејли, пофалувајќи ја резолуцијата како единствен пакет на економски санкции кон режимот на Северна Кореја.
Со резолуција на ОН ќе се забрани извозот на јагленот, железото, железната руда, оловото и оловната руда како и морската храна, извоз вреден над една милијарда долари годишно.
Исто така, им се забранува на земјите да го зголемат бројот на севернокорејски работници кои работат во странство, се забрануваат нови заеднички вложувања со Северна Кореја и било какви нови инвестиции во тековните заеднички инвестиции.
Северна Кореја ги обвинува САД и Јужна Кореја за зголемување на тензиите поради спроведување на воени вежби во регионот. Кина и Русија изразија загриженост во врска со тестирањето на интерконтиненталната балистичка ракета, но повикаа на дијалог со Северна Кореја додека ја критикуваа силната реторика на Вашингтон и распоредувањето на системот за ракетна одбрана во Јужна Кореја.
„Обидите за економски притисок на Северна Кореја се подеднакво неприфатливи, бидејќи милиони луѓе имаат голема хуманитарна потреба”, рече рускиот заменик-претставник во ОН, Владимир Сафронков. „Санкциите нема да го решат проблемот”.