Şenhan Bolelli
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
МАДРИД
Пронајдени се телата на 8 мигранти од бродот што потона северно од местото Ланзароте на Канарските Острови, кои се обидувале илегално да мигрираат од Африка кон Шпанија, известува Агенција Анадолија (АА).
Според изјавите што претставниците на тимот за реакции при итни случаи на Ланзароте ги дадоа за медиумите, вчеравечер околу 19:30 часот, брод со 36 или 37 нерегуларни мигранти потонал во близина на плажата „Орзола“ на северот од островот.
Спасувачките екипи спасија 28 мигранти од морето, од кои 7 деца. Досега од морето се извлечени безживотните тела на 8 мигранти, а се трага по уште едно лице за кое се претпоставува дека се наоѓало на истиот брод.
Во првата изјава што имигрантите им ја дале на полицијата се наведува дека тргнале на пат од брегот на Агадир во Мароко пред 3 дена.
Шпанските спасувачки екипи за време на операциите за пребарување му помогнале на друг брод со 19 нерегуларни мигранти, кој исто така тргнал на пат од Мароко, да пристигне до брегот.
Оваа година, досега речиси 18.000 нерегуларни мигранти пристигнаа на брегот на Канарските Острови од африканското копно, а бројот на нерегуларните мигранти особено се зголеми во последните два месеца.
Шпанската Влада, која започна иницијативи за намалување на бројот на нерегуларни мигранти, кој е зголемен за повеќе од 1000 проценти во споредба со минатата година, од една страна гради нови центри за сместување мигранти на Канарските Острови, а од друга страна, потпишува билатерални договори со Сенегал и Мароко за враќање на мигрантите и за борба против илегалната миграција.