Esat Fırat
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ЕРУСАЛИМ
Млад Палестинец го загуби животот во престрелка со израелските војници кои извршија рација во палестинскиот бегалски камп „Балата“, кој се наоѓа на северот на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палестинскиот новинар Емин Абу Вирде, жител на кампот, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека израелските сили извршиле рација во бегалскиот камп „Балата“ во градот Наблус.
Абу Вирде истакна дека палестинските бунтовници одговориле на израелските војници кои извршиле рација во кампот, а младиот Палестинец Бакир Хашаш бил тешко повреден во судирот настанат во кампот.
Наведувајќи дека Хашаш го загубил животот, и покрај интервенцијата, во државната болница „Рафедија“ во Наблус каде што бил пренесен, Абу Вирде нагласи дека израелските сили привеле и еден Палестинец додека се повлекувале од кампот.
И покрај тоа што снимките на мајката на Хашаш како плаче за нејзиниот син се споделени и на социјалните мрежи, сѐ уште нема изјава од палестинските или израелските власти во врска со инцидентот.
Одвреме-навреме се случуваат судири или вооружени судири кога израелските војници извршуваат рации во различни делови на Западниот Брег за да уапсат Палестинци.