Muhammed Emin Canik
16 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Палестинската Управа за цивилна заштита објави процена дека повеќе од 1.000 луѓе се заробени под урнатините во Појасот Газа, кој е бомбардиран од Израел, јавува Анадолу.
Мохамед ал-Мугајар, официјален претставник на Управата за цивилна заштита, изјави дека сѐ уште има живи луѓе под урнатините во Газа. Тој наведе дека Израел директно таргетирал повеќе од 2.180 згради во Газа во кои живеат цивили.
„Нашите тимови проценуваат дека под урнатините има повеќе од 1.000 луѓе“, рече Ал-Мугајар.
Наведувајќи дека продолжуваат напорите за спасување на затрупаните под урнатините, Ал-Мугајар рече дека работата продолжува со ограничена опрема.
Тој повика на итна меѓународна помош за спасување на живите под урнатините или за извлекување на телата.
Нагласувајќи дека за Палестина не смее да се применуваат двојни стандарди, Ал-Мугајар рече дека треба да се обезбеди меѓународна помош за Палестина, како и за земјите погодени од земјотреси.
Најмалку 2.750 луѓе се убиени во израелските напади врз блокираниот палестински Појас Газа од 7 октомври досега.
Најмалку 9.700 Палестинци се ранети во израелските напади врз Газа.