Tarek Fathi Mohamed,Hamdi Yıldız
18 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас истакна дека практиките на Израел водени против Палестинците го забрзале процесот на поткопување на дводржавното решение, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што јави палестинската државна новинска агенција, Абас во Рамала остварил средба со постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН), Линда Томас Гринфилд.
Абас на средбата истакна: „Нелегитимното населување на Израел, убиствата, конфискацијата на земјиштето, уривањето на куќите итн. - сиве овие практики го забрзуваат опасното поткопување на проектот за дводржавно решение, за кој САД ја истакнаа својата поддршка.“
„На ниту еден начин не прифаќаме шесте цивилни организации да бидат прогласени за терористички од страна на окупаторските власти“, додаде Абас.
Абас, меѓу другото, нагласи дека доколку се игнорираат потпишаните договори, Палестина ќе реагира во заштита на правата на палестинскиот народ.
„Ние, исто така, не го прифаќаме континуираното малтретирање на затворениците и земањето на телата на шехидите. Доколку окупаторските сили инсистираат да ги игнорираат потпишаните договори и да се оддалечат од мирот, имаме различни опции. Ќе дејствуваме за да ги заштитиме правата на нашиот народ и нашите национални интереси“, рече палестинскиот претседател.
„За остварување на мирот ние ја подаваме раката да организираме меѓународна конференција под покровителство на Меѓународната четворка“, нагласи Абас, изразувајќи ја својата решеност да се одржат избори со цел да се воспостави влада на национално единство.
Во писмената изјава на американската делегација се нагласува дека разговорите на Гринфилд се во рамките на напорите за обнова на американско-палестинските односи, кои беа нарушени во периодот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Гринфилд на средбата ја пренесе силната поддршка на администрацијата на Бајден за дводржавното решение и еднаква слобода, просперитет, безбедност и достоинство на Израелците и Палестинците кои го заслужуваат тоа.
Според соопштението, Гринфилд, меѓу другото ја истакнала „важноста од почитувањето на човековите права и воздржувањето од дејствија што ги поткопуваат надежите за дводржавно решение, како што се активностите за населување, отстранување на Палестинците од нивните домови и поттикнување насилства“.