Turgut Alp Boyraz
30 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Палестинската држава се простира на подрачје од 27.000 квадратни километри, а моментално, 85 отсто од тоа подрачје е под контрола на Израел, кој и понатаму води политика на изградба на илегални еврејски населби на палестинската земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинците денес го одбележуваат „Денот на земјата“, кој е симбол на отпорот на израелската окупација, а тој ден се одбележува веќе 41 година по ред, во знак на сеќавање на одлуката на израелската влада, со која од 30 март 1976 година одзеде стотици хектари палестинска земја.
Според податоците на Заводот за статистика на Палестина, Израел окупираше 85 отсто од некогашната палестинска земја, а Палестинците денес ги користат само преостанатите 15 отсто. Според податоците од почетокот на 2015 годна, израелската војска на подрачјето на Западниот Брег подигна 409 воени кампови.
Израелските власти и понатаму ја спроведуваат политиката за изградба на населби за еврејските доселеници на палестинската земја. Таа израелска политика во практиката значи секојдневно сузбивање на палестинската земја.
На окупираниот Западен Брег, моментално живеат речиси 400.000 еврејски доселеници, а во населбите во Источен Ерусалим има 200.000.
Меѓународната заедница ги смета за илегални новоизградените израелски населби на палестинската земја, а неодамна и Советот за безбедност ја донесе резолуцијата со која ја осудува таа израелска политика на изградба.
Со вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година, подрачјето на Западниот Брег е поделено во три административни единици наречени региони А, Б и Ц.
Регионот А опфаќа 18 отсто од Западниот Брег и е под контрола на Палестина, додека регионот Б покрива 21 отсто од подрачјето на тој појас и административната управа ѝ припаѓа на Палестина, а на Израел е препуштена грижата за безбедноста. Израел и на полето на администрацијата и на полето на безбедносноста го контролира регионот Ц, кој се простира на 61 отсто од површината на Западниот Брег.
Во Појасот Газа живеат речиси два милиона Палестинци и тој регион веќе десет години е под апсолутна блокада на Израел.