Gamze Türkoğlu Oğuz
02 Септември 2020•Ажурирај: 03 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Градот Кеноша, во сојузната американска држава Висконсин, по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно е средиште на протести, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите против полициското насилство во Висконсин, кои започнаа откако полицијата го застрела во грб Афроамериканецот Џејкоб Блејк, и понатаму се во тек.
Група од над 100 лица ги извикуваше слоганите: „Апсете ја полицијата“.
Трамп вчера ја посети Кеноша. Тој посети места кои се оштетени или уништени во нередите и вети поддршка за уништените деловни објекти.
Афроамериканецот Џејкоб Блек беше тешко повреден на 23 август во Кеноша.
На видеоснимката од ранувањето на социјалните медиуми може да се види како полицијата се обидува да го спречи Блејк да ги отвори вратите од автомобилот така што го влече за облеката, а потоа во неговиот грб истрелува седум куршуми.
Според полициското соопштение, полицијата излегла на терен откако добила пријава за семеен инцидент, а очевидците кои зборуваа за медиумите тврдат дека Блејк се обидувал да раздели две жени кои се расправале и дека полицијата пристигнала во тој момент.
Адвокатот Бенџамин Крамп изјави дека во Блејк полицијата пукала додека тој се обидувал да влезе во автомобил и дека во тоа време во автомобилот имало три деца.