Muhammet Kurşun
18 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Во пожарот кој избувна во едно основно училиште во градот Захедан, сместен во покраината Систан и Балуџистан во југоисточен Иран, животот го загубија тројца ученици, јавува Anadolu Agency (AA).
Али Риза Нахеи, генералниот директор за образование и настава на покраината Систан и Балуџистан, изјави дека во едно приватно основно училиште дошло до протечување на гас од шпорет на гас, и избувнал пожар во кој животот го загубиле тројца ученици.
Во изјавата што Нахеи ја даде за официјалната иранска агенција ИРНА, се вели дека меѓу повредените, во тешка здравствена состојба се наоѓа ученик кај кого 90 отсто од телото претрпело изгореници.
Претседателот на Итната помош во градот Захедан, Хусрев Серавани, изјави дека од пожарот во училиштето се спасени 55 ученици.
- Директорот за образование поднесе оставка
Во меѓувреме, директорот за образование и настава на 2. област на градот Захедан, Мелик Мухамед Синџирани, соопшти дека во знак на солидаризација со ожалостените семејства, поднесува оставка од должноста.
Хасан Неврузи, заменик-директорот за образование и настава на покраината Систан и Балуџистан, која често се опишува и како „најзапоставено подрачје“, на 4 декември изјави дека од 142.000 деца на целата територија на Иран кои не се во можност да продолжат со своето школување, околу 50 отсто се наоѓаат на територијата на Систан и Балуџистан.
Зборувајќи дека во оваа покраина, децата, особено девојчињата од локалното население, се лишени од образованието поради културни и традиционални причини, Неврузи имаше изјавено „Поголемиот дел од оние кои не го продолжуваат своето школување го сочинуваат девојчиња од руралните предели кои на мала возраст се омажени од страна на своите семејства.“
Тој нагласи дека една од причините за лишеноста на децата од школувањето е оддалеченоста на училиштата од населените места, додавајќи дека за надминување на проблемот, во подрачјето се отворени голем број нови училишта.
Од друга страна, Алим Јар Мухамеди, пратеникот од градот Захедан, имаше посочено дека лишеноста на децата од школувањето, во подрачјето отворило пат за безбедносни проблеми.
Мухамеди истакна дека терористичките групи во подрачјето имале корист од лицата кои не го продолжуваат своето образование. „Истражувањата покажуваат дека на терористичките групи главно им се приклучуваат лица со ниско образование или кои не знаат да читаат и да пишуваат“, изјави пратеникот Мухамеди.