Gorana Jakovljevic
29 Мај 2024•Ажурирај: 30 Мај 2024
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Пред израелската амбасада во главниот град Мексико Сити пропалестински демонстранти се судрија со полицијата, известува Анадолу.
Стотици демонстранти се собраа вчера повикувајќи ја Владата да ги прекине дипломатските односи со Израел. Носејќи палестински знамиња и скандирајќи слогани за поддршка на Палестина, демонстрантите покажаа солидарност со граѓаните на Газа и Рафа поради неодамнешните бомбардирања. Демонстрантите ја повикаа Владата да ја прогласи Палестина за држава со сите права.
Насобраните се обидоа да ги отстранатат оградите, што предизвика судир со полицијата.
„Ужасно е она што и понатаму се случува, тоа дека САД и понатаму го одобруваат тоа, а Европа молчи. Ова е бруталност на нашата цивилизација, цивилизација што денес владее со нас и со светот“, рече Жилберто Гарсија Мора, еден од демонстрантите.
Нора Маријана Видал рече дека не може да живее во свет во кој сѐ е оправдано. Таа истакна дека нема оправдување за израелската бруталност, како и дека се срами од светот во кој живее.
Од почетокот на израелските напади на 7 октомври минатата година убиени се повеќе од 36.100 Палестинци во Газа, главно жени и деца, уништен е поголем дел од инфраструктурата, а нападите и израелските блокади доведоа до хуманитарна катастрофа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.