Muhammed Emin Canik
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - На 97-годишна возраст почина, Маргот Дуалде, првата жена пилот на Воздухопловните сили на Чиле, пренесува Anadolu Agency (AA).
Таа е позната во чилеанската историја како единствен државјанин на Чиле кој за време на Втората светска војна војувал против нацистичка Германија во составот на воздухопловните сили на Франција и Британија.
Клаудија Паскал Грау, чилеанската министерка за жени и полова еднаквост, соопшти дека Дуалде, која е првата жена пилот во историјата на оваа земја, починала во главниот град Сантјаго.
„Упатуваме благодарност до неа поради големиот придонес во авијацијата на Чиле. Ја цениме нејзината храброст за реализирање на нејзиниот најголем сон и фактот дека на другите жени им ги отвори патиштата, кршејќи ги табуата“, рече Грау.
Претседателката на Чиле, Мишел Башеле, во порака објавена по повод смртта на Дуалде, истакна дека таа играла водечка улога во чилеанската авијација. „Маргот Дуалде покажа дека во светот на мажите не постои нешто невозможно за жените“, додаде Башеле.
Инаку, Дуалде е родена во 1920 година во Чиле, била запознаена со францускиот генерал Шарл де Гол, за да војува против нацистите за време на Втората светска војна.
Според историското списание на Француските воздухопловни сили, Дуалде извршила стотици летови со американски и британски авиони. Во 2006 година, Франција ѝ го додели признанието „Legion d'Honneur“ (Национални орден на Легијата на честа), додека Британија во 2009 година ѝ додели медал на ветеран.