ВАШИНГТОН (АА) - Бројни водечки имиња на терористичката организација ФЕТО, која стои зад минатогодишниот обид за државен удар во Турција, на 15 јули, некои од нив пред, а некои по обидот за државен удар, ги напуштија дотогашните живеалишта и избегаа од Турција наоѓајќи засолниште во многу земји во светот, пишува Anadolu Agency (AA).
Дека во овие земји водат сосема удобен живот покажуваат и податоците до кои дојде АА, а кои говорат за цените на луксузните вили во коишто денес живеат следбениците на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО.
АА дојде до податоци што се достапни за јавноста во САД, а според нив може да се заклучи дека условите во коишто живеат припадниците на ФЕТО се многу подобри од просечниот американски стандард и дека „американскиот сон“ на припадниците на ФЕТО одамна стана реалност.

Имотот на припадниците на ФЕТО кои од претходно живеат во САД се проценува дури на милиони долари, но ништо посиромашен не е ниту имотниот лист на оние кои избегаа во САД по обидот за државен удар, па и тие денес живеат во вили чија вредност се проценува на неколку стотици илјади долари.
- Викендицата на роднината на Ѓулен на Флорида ја заплискуваат водите на Атланскиот Океан
Меѓу нив, секако, се издвојува роднината на лидерот на терористичката организација Фетула Ѓулен, по име Џевдет Туркјолу. Тој е сопственик на две куќи во Пенсилванија и во Флорида, а нивната вредност се проценува на околу 900.000 долари.
Освен куќи, Туркјолу е сопственик и на неколку деловни простори, а во Винтер Спрингс на Флорида поседува викендица која се наоѓа на само неколку минути од брегот на Атлантскиот Океан.
Туркјолу инаку е лице од доверба на Фетула Ѓулен. За него се смета дека е благајник на организацијата на Ѓулен, односно лице кое ги пренесува наредбите на Ѓулен до другите членови на ФЕТО.
Клучното име во обидот за државен удар на ФЕТО во Турција беше Адил Оксуз, познат и како „имамот на ФЕТО во воздухопловните сили“, кој непосредно по неуспешниот државен удар беше приведен, но и ослободен откако изјави дека во воздухопловната база се наоѓал случајно разгледувајќи го пејзажот.
Братот на Оксуз, Кемал Оксуз, е исто така едно од имињата на припадниците на ФЕТО кој веќе подолго време престојува во САД. Оксуз, кој е претседател на Евроазиско-американскиот совет, живее во луксузна вила во градот Арлингтон, во Вирџинија, чија вредност се проценува на 1,7 милиони долари. Оксуз за престој во оваа вила месечно плаќа 7.000 долари.
Јуксел Алп Асландоган, кој е челник на кровната организација на ФЕТО во САД, „Alliane for Shared Values“ (Сојуз за заеднички вредности), живее во подрачјето на Форт Ли во Њу Џерси, а вилата во којашто живее чини околу 540.000 долари.
Вилата во која од 1999 година живее водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен во Пенсилванија, се проценува на речиси 400.000 долари. Таа е во сопственост на претседателот на една од организаците на Ѓулен, Сезаи Саблак. Освен што е на чело на организацијата, Саблак е поврзан со голем број компании кои дејствуваат во САД.
За Емре Услу, поранешен полицаец и новинар, во Турција е распишана црвена потерница. Услу во моментов предава на Меѓународниот универзитет во Вирџинија, за кој се смета дека е поврзан со терористите на ФЕТО. Услу живее во луксузна куќа во Ферфакс, која ја купил во 2015 година за 400.000 долари.
Претседателот на Турско-американскиот сојуз (TAA), Фарук Табан, е исто така едно од водечките имиња на ФЕТО. Живее во Сентервил, Вирџинија, каде што поседува луксузна куќа во вредност од 470.000 американски долари.
Едно од имињата коешто е познато по многу блискиот однос со Ѓулен е и Хасан Али Јуртсевер, претседател на Организацијата „Rumi Forum“ (Руми форум). Тој е сосед на Емре Услу, живее исто така во Ферфекс, во дуплекс куќа од 515.000 американски долари. Во градот Ашберн живее и Талха Сарач, близок до Ѓулен, во куќа од половина милион долари.
- Поддршка за Хилари Клинтон од 1,5 милиони долари
Поранешниот претседател на Турскиот културен центар на ФЕТО, Реџеп Озкан, кој за време на претседателската кампања ја поддржа кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон, со 1,5 милиони долари, живее во Бруклин, Њујорк, а неговата вила е со вредност од околу 1,4 милиони долари.
Градот Ферфакс во сојузната американска држава Вирџинија, очигледно е најбараната дестинација за припадниците на ФЕТО, а тука престојува и бегалецот Ахмет Саит Јајла. Во Тексас живее Џемил Tебер, припадник на ФЕТО, кој минатата година ја основа лобирачката куќа на ФЕТО, „Strategy Group Inc.“ (Стратеџи груп), а неговата куќа е во вредност од 200.000 американски долари.
Сопственикот на компанијата „Bayrock Stone“ (Бајрок стоун), кој претходно во медиумите се појави како донатор од 652.000 долари на тогашниот претседател на САД, Барак Обама, живее во вила од 400.000 долари.