Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
ИДЛИБ
Во Сирија, воените авиони на режимот на Башар ал Асад и Русија извршија интензивни воздушни напади врз населените места во рамките на зоната за деескалација на судирите во Идлиб. Во овие напади животот го загубија 7 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Кулата за набљудување, која ѝ припаѓа на сириската опозиција, информираше дека авионите на режимот на Асад извршиле напади врз селото Латмин во подрачјето на Хама, додека руските авиони го нападнале местото Кефер Зита во истата област, која спаѓа во границите на зоната за деескалација на судирите во Идлиб.
Цивилната заштита (Бели шлемови) соопшти дека во воздушните напади изведени во раните утрински часови загинале 7 цивили, од кои 5 цивили во местото Кефер Зита во областа Хама, додека во селото Латмин животот го загубиле 2 лица.
Се стравува од зголемување на бројот на загинати поради продолжувањето на интензивните воздушни напади.
Од минатата недела досега во воздушните и копнените напади на Русија и режимот на Асад врз подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб, бројот на загинати изнесува 115 цивили.
- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб, во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија, меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите, што продолжува и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во зоната за деескалација на судирите во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.