Zehra Ulucak,Ali Cura
28 Јуни 2019•Ажурирај: 29 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин и американскиот претседателДоналд Трамп се состанаа на Самитот на лидерите на Г-20 во Осака, Јапонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Белата куќа, Трамп и Путин се состанаа на маргините на Самитот во Осака и разговараа за состојбата на односите меѓу двете земји.
Двајцата лидери се согласија дека развојот на односите меѓу САД и Русија ќе биде од корист за земјите во светот, а исто така и за заедничкиот интерес на двете земји.
На средбата лидерите, исто така, разговараа за ситуацијата во Иран, Сирија, Венецуела и Украина.
Во соопштението се наведува дека двајцата лидери постигнале договор да продолжат да преговараат за модел за контрола на оружјето во 21 век, за што Трамп претходно изјави дека треба да се вклучи и Кина.
- Путин: „Им благодарам и на двете страни“
Според прес-службата на Кремљ, рускиот претседател Путин, во својот говор пред состанокот со американскиот претседател Трамп, рече:
„Не сме се виделе многу долго време од состанокот во Хелсинки. Точно е, нашите вработени работеа и ни дадоа добра можност да продолжиме да разговараме за она што го постигнавме во Хелсинки. Затоа, им благодарам на двете страни.“
Како земја која претседава со Групата 20, Јапонија подготви програма во која се нагласени следните теми: Економски раст, Квалитетна инфраструктура, Борба против корупција, Развој, Вработување, Дигитална економија, Здравство и Земјоделство. Во програмата на Г-20 за 2019 година се сместени и темите „Ефикасност на ресурсите“ и „Морски пластичен отпад“.
Планирано е на овогодишниот Самит фокусот да биде ставен и на борбата против климатските промени.
Самитот Г-20 е форум на владите и централните банки на 20-те водечки економии во светот, кои ја вклучуваат Европската Унија и 19 земји - Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.