Dmitri Chirciu
30 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека се отворени за дијалог за обезбедување стратешка стабилност, спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување и подобрување на ситуацијата во областа на контролата на вооружувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин на 10. Меѓународен форум во Санкт Петербург испрати видеопорака и по тој повод рече дека продолжува процесот на формирање мултиполарен систем на меѓународни односи.
Нагласувајќи дека демократскиот и праведен систем во светот треба да се заснова на меѓусебно почитување, доверба и принципи на Обединетите нации, Путин рече:
„Русија е отворена за дијалог за обезбедување стратешка стабилност, спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување и подобрување на ситуацијата во областа на контролата на оружјето.“
Тој истакна дека треба да се направат напори за прашања како што се климата, борбата против гладот, стабилноста на пазарите на храна и енергија и фер правила и конкуренција на меѓународните пазари.
Во своето обраќање Путин изјави дека украинската администрација извршила злосторство против човештвото и рече дека Русија ќе продолжи да се труди да создаде подемократски и праведен свет, во кој ќе се гарантира заштитата на сите народи и културната и цивилизациската различност.
„Убеден сум дека најтешките проблеми со кои се соочува светот може да се решат со постојано дејствување и заедничка работа во рамките на меѓународното право и да се обезбеди постојан и стабилен развој на државите“, заклучи Путин.