Elena Teslova
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави дека Соединетите Американски Држави (САД) се согласиле да започнат разговори за безбедносни гаранции за Русија на почетокот на следната година во Женева, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на годишната прес-конференција во Москва, Путин рече дека досегашната реакција на САД на предлогот на Русија за безбедносни гаранции е позитивна.
„Нашите американски партнери велат дека се подготвени тие преговори да ги започнат на самиот почеток следната година во Женева. Без никакви трикови, едноставно го поставивме прашањето да нема повеќе движења на НАТО на исток“, рече рускиот претседател, објаснувајќи каков е предлогот.
На прашањето дали Русија ќе гарантира дека нема да ја нападне Украина доколку започнат разговорите за безбедносните гаранции, Путин рече: „Нашите активности ќе зависат од конкретниот резултат од преговорите.“
Путин минатиот месец го повика НАТО да започне преговори со цел на Русија да ѝ се обезбедат сигурни, правно обврзувачки и долгорочни безбедносни гаранции.
Јуриј Ушаков, советникот на рускиот претседател за надворешна политика, на 15 декември изјави дека Русија доставила нацрт на своите предлози до САД и НАТО, а два дена подоцна руското Министерство за надворешни работи го објави текстот на Нацрт-договорот предложен од Русија.